ВОДИЧ: Како да ги организирате дигиталните фотографии?
Кога ги разгледуваме нашите фотографии и го гледаме хаосот од дуплирани, матни, ненамерно сликнати фотографии…Она што ни се мота низ глава е “Ништо не можам да најдам…што убаво ќе беше да ги организирам еден ден. Од каде да почнам?” – Што најчесто не обесхрабрува воопшто да започнеме со фото-чистка.
Инспирирана од паролата на Мари Кондо (Мари е експерт за организирање и средување на домот, авторка на КонМари методот) искуството на организирање на вашите фотографии има едно главно правило:
МОРА ДА ВИ ИГРА СРЦЕТО!
Што значи тоа? Остануваат само оние фотографии кои ќе ви го разиграат срцето, односно, ако имате емоција кога ја гледате фотографијата – тогаш останува.
Го споделувам со вас мојот метод од 6 чекори за организирација на фотографии:
Чекор 1 – Зошто сакам да ги организирам фотографиите?
Чекор 2 – Фрли го неупотребливото.
Чекор 3 – Сѐ на куп во фото-хаб.
Чекор 4 – Организирај по систем кој го разбира твојот ум.
Чекор 5 – Следи го правилниот редослед.
Чекор 6 – Затвори го кругот.
Чекор 1
Зошто сакам да ги организирам фотографиите?
Префилозофски почеток на организација на фотографии, признавам. 🙂 НО, помислете која е крајната цел, која е причината поради која сакате да имате организирани фотографии.
За да ги зачувате спомените од кои ви игра срцето? Како? Што би ве направило радосни, ако ги чувате во фото-хаб, ако испечатите фотографии и ги наредите во фотоалбум или споменар, ако направите неколку фотокниги кои го раскажуваат вашиот живот хронолошки или одберете неколку фантастични фотографии и ги врамите на вашиот ѕид?
Со крајот на ум, дајте си збор дека овој пат ќе истраете 🙂 Многу пат се случувало да почнам да ги организирам фотографиите и да се откажам по 1о минути зашто ги има премногу. Но, доброто е тоа што откако еднаш ќе посветите неколку часови да ги организирате натрупаните фотографии, потоа станува се многу полесно. Ќе ви бидат потребни 15-30 минути еднаш во месецот (доколку го следите нашиот инстаграм профил @marudbooks, еднаш месечно имаме ден посветен на фото-чистка. Пријателски потсетник да ги прочистите фотографиите.)
Чекор 2
Експрес акција: Избриши го неупотребливото.
Сега кога сме одлучни, зависно од бројот на фотографиите, одвојте неколку часа во денот или пак еден викенд, за чистка.
Почнете да ги бришете матните, неупотребливите, дупликатите. Избришете ги старите фотографии од настани кои веќе не ви се релевантни, пријателте нема да ви замерат 🙂 Одете уред по уред. Почнете од мобилниот, па старите мемориски уреди…секаде каде што ги чувате.
Чекор 3
Сѐ на куп во фото-хаб.
Како што ќе завршите со почетната чистка, ископирајте ги сите фотографии на еден уред – вашиот фото-хаб, домот на сите ваши фотографии. Моја препорака е оригиналните фајлови никогаш да не ги доверувате на клауд. Клаудот е одличен за бекап.
Фото-хаб може да биде вашиот компјутер или надворешен хард диск, само погрижете се да има доволно место да ги вдоми сите ваши фотографии.
На овој начин ја централизирате работата, и организацијата станува многу, ама многу поедноставна.
Откако ќе го поставите фото-хабот треба да биде единственото место каде ги зачувувате сите ваши фотографии. Од таму пролжувате со понапредна организација.
Чекор 4
Организирај по систем кој го разбира твојот ум.
Лично, фајловите ги организирам по датум, со наслов кој ќе ме потсети на содржината. Многу ми олеснува употреба на софтвер за импортирање на фотографиите, кој веднаш прави каталогизација и ги креира фолдерите за мене. Така работи мојот ум најлесно…
2021 > 10.7.2021 - Летување во Охрид
Важно е да ги организирате на начин кој вам ви е лесен за снаоѓање. Можете да ги организирате според изворот (мобилен, цд, усб 1…), по локација, ситуација…зависно од тоа како планирате да ги употребувате.
Откако ќе го завршите овој дел 80% од работата е веќе завршена! Честитајте си!
Оттука може да се продолжи со сериозната организација. Овој дел зависи вас, колку сакате да навлезете во организирање. Можете да користите програми за фотографии, мене ми е омилена Lightroom. Може да ги организирате со тагови, бои, да правите рејтинг… Но тоа е веќе напредно ниво на организација и слободно можете да го скокнете.
Чекор 5
Што ти буди радост?
Фотографиите се интересен феномен, доказ за моментите кои направиле да почувствуваме силни емоции…најчесто фотографираме кога ситуациите или субјектите не прават среќни, за никогаш да не бидат заборавени.
Магично е својството на фотографиите со поглед да ни ги разбудат истите емоции и да не вратат во ситуацијата. Само тие фотографии треба да продолжат да живеат во твојот фото-хаб.
Само оние фотографии кои прават срцето да ти пее – би рекла Кон Мари 🙂 Останатото Shift + Del. Не ги чувајте сите фотографи од свадбата на другарката од пред 5 години, или од крштевката кај што сте биле на гости, ако не ви будат радост. Никој нема да ви замери.
Чекор 6
Затвори го кругот.
Потсети се од каде почна, која беше твојата замисла. Сега кога сите фотографии се организирани и лесно можеш да ги најдеш оние кои ги бараш, време е да го затвориш кругот – подготви ги најомилените фотографии за печатење.
Најавете се на www.marudibooks.com, одберете од нашата понуда на фотокниги (линк), фото-постери (линк), фото-платна (линк) и мали принтови (линк) за вашиот следен проект. Зачувајте ги спомените онака како што заслужуваат, на начин кој ве радува.
Кога би замилиле идеален дом, како би биле организирани вашите фотографии? Како сет врамени постери прецизно распоредени на ѕидот во лобито, фотокниги за секој месец, година, патување? Одговорот се крие во прашањето Што ти буди радост? Толку е едноставно.
Ви требаат уште информации како да одберете фотографии за фотокнига? Прочитајте го постот…(линк).