ЗОШТО МОРА ДА ГИ ИСПЕЧАТИТЕ ВАШИТЕ ФОТОГРАФИИ?
Се сеќавам како дете, кај баба ми на гости наидов на стари албуми. Држејќи ги старите фотографии во моите раце, почувствував како да се враќам назад во времето. Иако баба ми не се сеќаваше на сите ликови на фотографиите, секоја една од нив имаше своја посебна приказна. Со нејзините зборови ме враќаше назад во нејзината младост, и тој ден почнав да ја разбирам многу полесно таа жена која е толку различна од мене. Чудесен е тој времеплов кој го доживуваме со сите сетила кога гледаме стари фотографии.
Живеејќи во дигитална ера имаме слобода да направиме илјадници фотографии и сите наши драги настани да останат “живи” засекогаш. Но, кога последен пат ги испечативте своите омилени фотографии?
Иако сум фотограф, мислам дека има поминато преку година, од последиот пат кога испечатив неколку фотографии. А имам премногу кои ги обожавам толку, да ги имам при рака би ги листала секое утро додека си пијам кафе.
Верувам сте слушнале милион пати дека е многу важно да се печатат фотографиите, но дали знаете ЗОШТО?
КАКО ДА ГО НАПРАВИТЕ ВАШИОТ ИЗБОР?
1. ТЕХНОЛОГИЈАТА Е НЕПОСТОЈАНА
Сите сме биле во ситуација или познаваме најмалку еден човек на кој му се случило да му „цркне“ телефон, хард диск или слично. Зачувувањето на клауд е доста добро решение, но со време може да стане и скапо за да се оддржи. Од друга страна доколку си ги чувате печатените фотографии или фотобукови на суво место и настрана од директна светлина тие сигурно ќе ги прераскажуваат вашите приказни долго по вас.
2. JPG/JPEG ФАЈЛОВИТЕ СЕ РАСИПУВААТ
Да! Има голема веројатност да си изгубите многу фотографии кои најчесто уредите ги зачувуваат како .jpg/.jpeg сте си ги зачувале “безбедно” на компјутер. Овие формати сами од себе со текот на времето можат да се расипат и да е невозможно да ги отворите. Со самото преснимување, отворање и прегледување квалитетот опаѓа. Затоа печатете ги додека се “свежи“.
3. ФОТОГРАФИИТЕ СЕ ОДЛИЧЕН УКРАС
Нема ништо побаво од прегледување на драги фотографии. Правете селекција на најомилените фотографии барем еднаш до два пати годишно и врамете си ги, менувајќи ги старите со нови спомени. Направете фото ѕид кој ќе ја раскаже вашата животна приказна. А останатите испечатете ги како фотобук кој ќе ви стои при рака, за да можете да им се радувате или да им се пофалите на пријателите колку убаво сте си поминале на патување или колку ви била забавна годината со сите згоди и незгоди на вашето бебенце.
“Фотографирањето е начин на чувствување, на допирање, на љубење. Она што си го фатил на филм останува заробено засекогаш…Тоа се сеќава на мали работи, долго откако ти ќе заборавиш сé.”
– Арон Сискинд
4. ВАШИТЕ ДЕЦА, НО И ВАШИТЕ ВНУЦИ И ПРАВНУЦИ ЌЕ ВИ БИДАТ БЛАГОДАРНИ
Нема поскапоцено нешто од спомените. Тие се нашето јадро, нашата приказна, нашето зошто. Присетете се на моментите кога вие сте ги листале албумите на вашите родители, баба и дедо и што тоа разбудило во вас.
Замислето го ликот на вашето малечко кога ќе порасне и заедно ќе седнете да ги разгледате вашите први спомени, почетокот на приказната на вашето малечко. Сите ваши емоции преточени во фотобук како сведоштво за сета љубов и радост.
Има доста алакти за организација на фотографии, кои можат значително да ви го олеснат животот. Иако секогаш организирањето на фотографии го доживуваме како мачна обврска, кога ќе почнете со чепкање низ спомените, нема да сакате да застанете.
Одвојте по неколку часа дневно или неделно, како ви дозволува времето, и посветете се на сортирање на вашите омилени фотографии. Традиционална опција е да се испечатат фотографиите една по една да се редат во фолиите од фото албум (ако си имате толку трпение браво за вас, јас никако да се решам). За среќа денес постојат печатени фотобукови со извонреден квалитет кои се издржливи и долготрајни, а најдоброто од се е што може да се нарачаат со персонализиран дизајн. Нешто нежнo и пастелно за вашето новороденче или шарено и шашаво за вашето детенце кое ужива во игрите и невините “бељи”.
Пишете ми слободно за каква помош и да ви треба околу вашите фотографии и со задоволство ќе ви помогнам.
За инспирација ви препорачувам да ги разгледате моите фотобукови, кои се надевам ќе ве поттикнат конечно да им се посветите на вашите спомени онака како што вистински заслужуваат.