Posted on

Совладајте го хаосот: Како да се справите со натрупаните дигитални фотографии

  • Имате стотици дигитални фотографии?
  • Сè уште не сте нашле време да ги испечатите фотографиите од вашата свадба?
  • Уште не ги одбравте најважните слики од роденденот на вашето детенце?
  • Секој пат кога ќе седнете да бирате слики, ви доаѓа премногу и се откажувате?

Во природа на спомените е да се создаваат со поголема динамика од нашиот капацитет за печатење и о рганизирање. Повеќето од нас посакуваат редовно да ги печатат своите фотографии, но тоа ретко е случај. Голем дел од нас сонуваат за совршено уредени споменари, албуми или фотокниги, но, никогаш не наоѓаме доволно време за да ги почнеме, а камо ли да ги завршиме.

Овој пост е посветен на справување со еден од најслатките, но и најпоразителните предизвици во нашиот современ живот – што да направите ако заостанувате со печатењето на спомените.

Замислете ги вашите дигитални фотографии како мешавина на моменти, емоции и спомени, секоја слика раскажува нешто посебно. Во овој свет на брзина и технолошки напредок, може да се чувствувате загубено во бескрајноста на слики и фајлови. Тука ќе дознаете како да го совладате овој хаос и да го трансформирате во неверојатно задоволство кога ќе научите како со љубопитство и љубов да ги организирате, селектирате и испечатите вашите фотографии.

Како да испечатите сè?

Доколку немате испечатено фотографии од ниту едно патување до сега, не значи дека секое патување треба да има посебен албум или фотокнига; или ако вашето “бебенце” годинава ќе полни шест години, а вие не сте стигнале да ги испечатите фотографиите од првата семејна фотосесија, НИШТО СТРАШНО.

Помирете се дека можеби тоа не е за вас, но, и тоа не значи дека вашите спомени треба да оставите да собираат прашина. Бидете методични. 

Кои спомени сакате никогаш да не се заборават?

Daiga Ellaby

Кои спомени сакате никогаш да не се заборават? – е одлично почетно прашање. Заборавете за момент на тоа колку фотографии имате, доколку почнете со тоа може да ве преплави. Сигурно имате повеќе фотографии отколку што можете да испечатите во моментот, а и ако сме искрени, не ни ви се потребни 20 скоро исти фотографии, кои, гледано од дистанца не раскажуваат никаква приказна.

Можеби вашата фотокнига е подобро да биде збирка од најзабвните моменти од вашите патувања и пејсажи кои ве оставиле без здив, или пак може да биде фотокнига од вашето детство, па следната да биде од вашата адолесценција. Каде е запишано правилото дека фотокнигата на вашето дете мора да биде од роденден до роденден, може и да ја направите од раѓање до поаѓање на училиште… едноставно разберете – правилата за вашите спомени ги одредувате вие.

Помалку фотографии – повпечатлива приказна.

Луксбук

Често кај клиентите забележувам дека ако вклучат 200-300 фотографии во една фотокнига, сметаат дека добиваат повреден спомен. Можеби прават добра зделка, но, на тој начин се разводува приказната, а сликите се често доста мали за да ги собере на страниците, со што се губи впечатокот кој инаку би го имала една внимателно одбрана фотографија.

Која е суштината, што раскажува оваа страница од фотокнигата? Која е емоцијата што сакате да ја доживеете следниот пат кога ќе ја листате фотокнигата. Вашето детенце секогаш е слатко на фотографиите, и сите ве радуваат, но, само по неколку роденденски фотографии од детенцето само дотеранко со украсите, со родителите, со другарчињата како се забавуваат, од атмосферата, со тортата и подароците, всушност сосем доволно ќе ја отсликаат целата прослава и ќе ве навратат на убавиот ден.

Колку се вистински важни сите слики од растрчаните дечиња во игротеката, или сликите со гостите кај што детето се тегне за да избега кај другарчињата?

План за печатење на вашите дигитални фотографии.

Помислете на сите аспекти, ако сепак имате премногу фотографии можеби е добро да ги организирате во колекција фотокниги. 

Доколку заостанувате неколку години со спомените, можеби ќе успеете да ги одберете најзначаните настани и да ги организирате во една фотокнига.

Можеби ќе ги поделите по теми: детство, адолесценција, во брак до деца, и албум за децата…

Со ова на ум, многу полесно ќе можете да ги организирате и одберете фотографиите.

Подобро испечатено, отколку совршено – а недовршено

Листањето на фотографиите може да биде заведувачко искуство. Но, запомнете нема да се каете што не сте вклучиле некоја фотографија во вашата фотокнига. Па и да има некоја која би сакале да ја имате во рака –  секогаш можете да ја испечатите дополнително.

Верувајте му на сопствениот инстинкт – и пресечете. Ќе се каете само ако не ги испечатите најзначајните спомени, а ви се случи некоја хаварија и ги изгубите дигиталните фајлови. Тоа би било многу пострашно, од кратење на фотографии, нели?

Водич за зачувување на спомени од marudibooks
Водич за зачувување на спомени од МарудиБукс

Ако сè уште ви е потребна дополнителна помош, ве канам да го преземете бесплатниот Водич за зачувување на спомени и научете како релаксирано и лесно да ги организирате дигиталните фотографии во прекрасно дизјанирани проекти. Овој водич вклучува и чеклиста и детален план кој ве води чекор по чекор низ процесот за планирање и печатење на вашите фото-проекти, како и совети и насоки за насочено и безвременско дизајнирање на вашите фото-проекти.


Искористете ги овие совети

за вашиот следен фото-проект

разгледај ги производите

Posted on

Мигови полни љубов: Водич за семејни фотографии

Здраво, драги мои чувари на спомените! Зарем не е магично како семејствата се спојуваат, креирајќи совршена таписерија на љубов, заедништво и малку откаченост? Кога работев како семеен фотограф, а и денес како главна фотографка во моето семејство се залагам за прифаќање и славење на тие автентични врски и зачувување на малите моменти што ни ги разигруваат срцата. Денес, со радост споделувам неколку „инсајдерски“ совети за тоа како можете да документирате впечатливи, искрени, спонтани семјни фотографии вредни за изложување – кои ја раскажуваат уникатната приказна на вашето семејство.

  1. Љубовта како водилка
@dan__burton

Знаете што ги прави семејните фотографии навистина посебни? Реалните емоции. Затоа, поттикнете ги членовите на вашето семејство да бидат свои – да споделуваат смеа, семејни шеги и спонтани прегратки и закачки. Овие искрени моменти ќе ја покажат суштината на уникатната врска на вашето семејство.

  1. Дајте и шанса на несовршената убавина
@0xhjohnson

Совршенството е преценето! Разбушавена коса, чудни изрази – тие се она што го прави вашето семејство она што е. Прифатете ги несовршеностите и оставете ги да раскажат дел од вашата приказна. Ќе откриете дека овие нефилтрирани моменти содржат некои од најскапоцените спомени.

  1. Посебни места
@jonathanborba

Сетете се на местата кои имаат посебно место во срцето на вашето семејство. Без разлика дали станува збор за вашата пријатна дневна соба или парк во кој сте биле на пикник, овие познати локации ќе допринесат за релаксирана атмосфера и успешни семејни фотографии.

  1. Нека свети
@taylor_friehl

Светло – моето тајно оружје! Природната светлина за време на златните часови (тоа е изгрејсонце и зајдисонце) фрла волшебен сјај што додава магија на фотографиите. Изгуглајте во колку часот почнува да изгрева или заоѓа сонцето, и стигнете барем 40тина минути порано на локацијата за да се сместите и опуштите пред објективот. Ако немате шанса да отидете на некое убаво место во природа, тогаш соберете го семејството до прозорецот во домот од каде што влегува природна светлина. Вашите фотографии ќе бидат фантастични!

  1. Секој карактер своја приказна
@robbie36

Фотографиите имаат посебно значење кога ги доловуваат искрените моменти каде карактерот блеска. Замислете го вашето семејство како ужива во активностите што ги обожава – печење колачиња, трчање на дожд, диско забава во дневната соба или дури и само глупирање наоколу. Овие слики ја раскажуваат вистинската секојдневна приказна на вашето семејство.

  1. Реквизити и облека
домашна архива

Реквизитите и облеката можат да ги надополнат вашите фотографии. Помислете на нештата кои ги одразуваат омилените активности или историјата на вашето семејство. Често се случува да гледаме “совршени“ инста семејства со уште „посовршени“ фотографии кои биле планирани со недели – но, дали вашето семејство вистински ја дели нивната приказна? помислете на малите слатки приказни, анегдоти кои не сакате да се заборават низ годините – како костумот од Спајдемен со кој вашето дете го носело насекаде 3 години по ред или омилениот сладолед…

  1. Најважна е конекцијата
домашна архива

Спонтаните погледи, топлите прегратки, закачките меѓу децата. Овие моменти се суштината на приказната на вашето семејство и тие заслужуваат да бидат документирани повеќе од кои било други моменти.

  1. Забавно, опуштено, без притисок и очекувања
@anastasia.shuraeva

Семејните фотографии не треба да бидат мачна работа. Забавно, опуштено, без притисок и очекувања треба да биде вашата фото-мантра. Оставете приказната да се отплетка сама, а вие само „ловете“ моменти вреди за паметење. Да си семејство не значи да сте постојатно скоцкани, наместени и совршено насмеани (не сме сите Барни од HIMYM)

  1. Секој е дел од приказната
@throughcoatedglass

Правилно сте разбрале – секој член на семејството има своја улога во оваа прекрасна приказна. Од најмладиот кикоти до најмудриот баба и дедо, секој од нив придонесува со уникатно поглавје во наративот на вашето семејство.

  1. Од пиксели до испечатени спомени

Сите спомени кои ги документиравте – време е да ги оживееме. Со печатењето на вашите фотографии, создавањето албуми, фотокниги и нивното изложување низ домот прскате малку магија во вашето секојдневие.

Во Пинтрест и Инста свет често не сме заведени од нешто што некој друг го направил и целиме да го реплицираме. Секој од нас, дури и јас, бараме испирација во туѓото – запомнете: не се работи за насмевки и пози; се работи за овековечување на љубовта, топлината и вистинската совршено-несовршена приказната што го прави вашето семејство извонредно и единствено.

Дозволете моментите природно да се отплеткаат пред вашиот објектив. Да ги прифатиме несовршеностите, да ги славиме врските и да создадеме ризница на моменти што ќе ги негувате за генерациите што доаѓаат.


Искористете ги овие совети за вашите следни фотографии

А потоа одберете како да ги испечатите

Posted on

Важноста на чувувањето спомени: Создавање фото-книга за првата година на вашето бебе

Како мајка, ја разбирам длабоката важност и тежина кои ги носат спомените. Тие не се само доказ за минатото, туку и врска со иднината.

А има ли подобар начин да ги зачуваме спомените на нашите малечки од фото-книга со нивните најважни фотографии? Тоа е идеален начин да се доживеат одново тие драгоцени моменти и да се зачуваат за цел живот.

фотографии, девојче пеперутка

Ќе ја цитирам Маја Анџелу: „Се радуваме на убавината на пеперутката, но ретко ги согледуваме промените низ кои поминала за да ја достигне таа убавина“. Истото може да се каже и за нашите малечки. Тие растат и се менуваат толку брзо, пребзо… а фото-книгата за првата година ни овозможува да го уживаме секој скапоцен момент подолго и да ја согледаме трансформацијата од мало пакетче радост во љубопитно мало истражуваче.

Сакам да ви помогнам да создадете прекрасна книга со фотографии за вашето бебе што ќе ја чувате низ годините што доаѓаат. Еве неколку совети како да започнете:

Изберете ги вистинските фотографии:

Изберете ги најдобрите фотографии кои ги доловуваат најважните моменти на вашето бебе. Не мора да ги користите сите фотографии што сте ги направиле, само изберете ги оние што се значајни за вас и кои би биле значајни за вашето малечко.

Процесот на дизајнирање и изработка на оваа фотокнига треба да биде плод на најблиските личности на вашето бебе. Вклучете ги вашиот партнер, како и поблиските личности. Потсетете се заедно на моментите и издвојте ги оние поважните. Можеби некој ќе сака да додаде нешто, да остави некоја порака, која на вашето малечко за години од денес многу ќе му значи.

Кои фотографии да ги вклучите во првата фотокнига на вашето малечко?

Неколку важни моменти кои би можеле да ги вклучите во фото книгата за прва година на вашето бебе може да бидат:

  • Првата ултразвучна слика
  • Труднички фотографии
  • Првата слика во болница
  • Првото гушкање
  • Првото капење
  • Првата насмевка
  • Првото излегување
  • Првата слатка облека
  • Прво превртување
  • Првото забче
  • Првото самостојно застанување
  • Први чекорчиња
  • Првата играчка
  • Првото запознавање со милениче
  • Првиот празник
  • Првата храна
  • Лазење
  • Како седи
  • Првиот одмор
  • Запознавање со поширокото семејство
  • Првиот маскенбал
  • Првата фризура
  • Играње на лулашки или на лизгалка
  • Првата посета на зоолошка градина или аквариум
  • Бебето прв пат носи чевли
  • Првата семејна фотографија
  • Прва роденденска торта
  • Прва роденденска забава

Со вклучување на овие важни моменти во вашата фотокнига, ќе имате уникатен спомен што вие и вашето дете ќе го обожавате. Никако не ги изоставувајте драгите луѓе во животот на детето. Често се случува да се вклучат фотографии исклучиво од бебето, но помислете си и од негова перспектива – кога ќе порасне и ќе ја гледа својата фотокнига сигурно би сакало да го види семејството, другарчињата и останатите драги луѓе кои биле дел од детството на вашето малечко.

Одберете ја вистинската фотокнига:

Добро е да ја одберете вистинската фотокнига која ќе одговара на вашиот стил, број на фотографии кои сакате да бидат вклучени и секако вашиот буџет. Запомнете ова е фотокнига која ја правите еднаш во животот за вашето малечко. Првата година секогаш има најголем број на фотографии кои заслужуваат да бидат испечатени, токму поради промените кои се случуваат на дневна база.

Препорачувам да креирате Марудибук со 19х19см за првата година на бебето. Овие фото-книги имаат до 116 страници, што треба да биде повеќе од доволно за прво да се зачува секоја скапоцена фотографија.

Можете да го изберете и Луксбукот – премиум фото албум со дебели страници кои даваат луксузен изглед. Има тврд повез и архивски квалитет, што го прави совршен за зачувување на помал број внимателно одбрани спомени за генерациите што доаѓаат.

Додајте ги фотографиите од вашето бебе од вашите уреди, Facebook албуми или Instagram во Вируелниот дизајнер на MarudiBooks за да можете да започнете да ја креирате вашата фото-книга или контактирајте ме за да ја уредам јас за вас.

Организирајте ги вашите фотографии:

Подредете ги вашите фотографии така што ќе раскажуваат приказна. Поделете ја вашата фото-книга во поглавја според пресвртниците на вашето бебе, како што се првата насмевка, првите чекори или првите зборови или пак хронолошки – пр. по месеци.

Изберете го вистинскиот дизајн:

Изберете дизајн што ги надополнува вашите фотографии. Во Marudibooks, нудиме широк спектар на минималистички шаблони и бројни фонтови за да добиете дизајн кој ќе го издржи тестот на времето.

Додавање текст:

Вклучете наслови или куси текстови за да им дадете контекст на вашите фотографии. Запишете го датумот, локацијата и сите други важни детали што сакате да ги запомните.

Персонализирајте ја вашата фото-книга:

Направете ја вашата книга навистина уникатна со додавање на името на вашето бебе, детали за раѓање, куси потсетници на настаните или специјална порака до вашето дете.

Бидете креативни:

Не плашете се да додадете креативни додатоци. Фотографиите не мора да се само од вашето бебе, вклучете ги бебешките уметнички дела, детали од бебешката соба, фотографија од нараквиците од болница или омилената комбинација на алишта за шетање и слично.

Едноставноста е безвременска:

Запомнете, најважно е да ги доловите драгоцените моменти на вашето бебе. Немојте да трошите драгоцено време со перфекционизам во потрага по совршенство. Убавината на фото книгата за бебиња е во нејзините несовршености и искреноста на спомените што ги доловува.

Првите моменти на секое бебе заслужуваат достојно да се зачуваат, тоа е една од главните причини зошто го основав Марудибукс по долги години работење како семеен фотограф. Се надевам дека овие совети ќе ве инспирираат да создадете прекрасна фото-книга за првата година на вашето бебе што ќе ви носи радост низ годините што доаѓаат.

Не потпирајте се на дигитални уреди за да ги зачувате вашите фотографии безбедни, извадете ги од нив и испечатете ги. И уште поважно – не им ја намалувајте вредноста на секојдневните, спонтани фотографии. Ветувам не е потребно да изгледаат исто како оние на совршените инста профили. Вашите фотографии, фотографиите на вашето малечко, на вашето семејство се совршени баш онакви како што се! Можеби се недоволно добро осветлени, малку матни, или можеби не сте ускладени со облеките, без фризура и шминка. Сепак, тие се скапоцен доказ за сите промени кои ги дожевеавте во годината која ја документирате за да се достигне убавината на пеперутката. Почнете да ја креирате годишната фото-книгата за вашето малечко со МарудиБукс уште денес.

Posted on

Организирај ги фотографиите од мобилниот во годишен албум: Како да ги зачувате вашите спомени?

Како да креирате албум од сликите во мобилен телефон?

Спомените се нишките што ја плетат таписеријата на нашите животи. Тие се моментите за кои се држиме, искуствата што нè обликуваат и луѓето што ги сакаме. Спомените се невидливите траги што ги оставаме на светот, приказните што ги раскажуваме и наследството што го оставаме зад себе. Во свет кој постојано се менува и се развива, спомените се единственото нешто на кое секогаш можеме да се потпреме. Тие се сидрата што не држат приземјени и светлината што го осветлува нашиот пат напред, а фотографиите се совршен начин да ги доловиме и оживееме тие спомени.

Со постојаното зголемување на бројот на дигитални фотографии што ги правиме, може лесно да се изгуби трагата на сите значајни спомени. Затоа организацијата на фотографиите е од суштинско значење за да се осигурате дека можете лесно да ги најдете и чувате вашите омилени слики од годината. Во овој пост, ќе ви покажеме како да креирате годишен албум во галеријата на вашиот мобилен и како да ги зачувате вашите спомени за цел живот.

Организирањето на вашите фотографии не мора да биде застрашувачка задача. Всушност, со неколку едноставни чекори, можете лесно да креирате албум од 2023 година во вашиот фотоапарат, за да можете лесно да ги најдете вашите омилени слики од годината.

Како да креирате албум од сликите во мобилен телефон?

Како да креирате албум од сликите во мобилен телефон?

Чекор 1: Изберете ги фотографиите што сакате да ги додадете во вашиот албум

Првиот чекор во создавањето на албум од 2023 година е да ги изберете фотографиите што сакате да ги додадете во него. Ова може да биде сè, од вашите омилени моменти со пријателите и семејството до вашите патувања и авантури во текот на годината. Поминете низ галеријата и одберете ги сликите што сакате најмногу да ги паметите од оваа година.

Чекор 2: Преместете ги сликите

Откако ќе ги изберете фотографиите што сакате да ги вклучите во албумот, одберете „Додај во“ или „Помести во“ кое се наоѓа во опциите на дното на екранот. Ова ќе ви овозможи да ги додадете избраните фотографии во нов албум во вашиот мобилен уред.

Чекор 3: Креирајте „Нов албум“ и именувајте го „2023“

Откако ќе кликнете да се преместат сликите, од вас ќе биде побарано да изберете каде сакате да ги додадете избраните фотографии. Креирајте „Нов албум“ и наречете го „2023“ за подоцна лесно да го најдете во вашата галерија.

Уживајте во вашите организирани фотографии

Со само неколку едноставни чекори, сега создадовте албум од 2023 година во вашиот мобилен уред! Сите фотографии што ги избравте сега се безбедно зачувани во албумот и ви се лесно достапни секогаш кога сакате да се навратите на вашите омилени моменти од годината.

Во свет каде што сè е сè повеќе дигитално, држењето физичка фотографија во ваши раце може да биде моќно искуство. Чинот на прелистување низ фото албум или држење на врамена фотографија може да разбуди спомени и емоции на начин на кој едноставно преглдување низ екранот на телефонот не може.

Дете со фотоалбум
фотографија на Павлина

Како да се погрижите вашите спомени да не се загубат?

Печатените фотографии имаат чувство на трајност што го немаат дигиталните слики и можат да нè доближат до спомените што ни се драги. Додека патуваме низ животот, нашите сеќавања се патоказите што нѐ водат. Тие нѐ потсетуваат каде сме биле, кого сме сакале и што сме надминале. И кога ги печатиме нашите дигитални фотографии, ги земаме тие спомени и ги правиме реални, опипливи и вечни.

Кога ги печатиме нашите дигитални фотографии, создаваме физички артефакти од нашите сеќавања. Им даваме опиплива форма која може да се пренесува низ генерации, да се споделува со најблиските и да се негува цел живот.

Со Марудибукс веќе немате изговор зошто трупате стотици, ако не и илјадници важни фотографии во дигиталните уреди. На нашата страница имате прекрасни решенија за печатење на вашите фотографии: Марудибук, Луксбук, месечни фотокниги, мали принтови итн. Процесот не може да биде поедноставен: само најавете се, внесете ги вашите фотографии и текстови во виртуелниот дизајнер, прегледајте и нарачајте! И толку! – Сега можете мирно да спиете знаејќи дека вашите фотографии се безбедни и постојат – во реалниот свет!

А за оние најзафатените секогаш постои опција да ми пишете директно мене, да ги пратите фотографиите – јас да ги уредам и испечатам за вас.

Уживајте во спомените,

Тања Џон

Posted on

ВОДИЧ: Како да ги организирате дигиталните фотографии?

Кога ги разгледуваме нашите фотографии и го гледаме хаосот од дуплирани, матни, ненамерно сликнати фотографии…Она што ни се мота низ глава е “Ништо не можам да најдам…што убаво ќе беше да ги организирам еден ден. Од каде да почнам?”  – Што најчесто не обесхрабрува воопшто да започнеме со фото-чистка.

Инспирирана од паролата на Мари Кондо (Мари е експерт за организирање и средување на домот, авторка на КонМари методот) искуството на организирање на вашите фотографии има едно главно правило: 

МОРА ДА ВИ ИГРА СРЦЕТО!

Што значи тоа? Остануваат само оние фотографии кои ќе ви го разиграат срцето, односно, ако имате емоција кога ја гледате фотографијата – тогаш останува. 

Го споделувам со вас мојот метод од 6 чекори за организирација на фотографии:

Чекор 1 – Зошто сакам да ги организирам фотографиите?

Чекор 2 – Фрли го неупотребливото.

Чекор 3 – Сѐ на куп во фото-хаб.

Чекор 4 – Организирај по систем кој го разбира твојот ум.

Чекор 5 – Следи го правилниот редослед.

Чекор 6 – Затвори го кругот.

Чекор 1

Зошто сакам да ги организирам фотографиите?

Префилозофски почеток на организација на фотографии, признавам. 🙂 НО, помислете која е крајната цел, која е причината поради која сакате да имате организирани фотографии.

За да ги зачувате спомените од кои ви игра срцето? Како? Што би ве направило радосни, ако ги чувате во фото-хаб, ако испечатите фотографии и ги наредите во фотоалбум или споменар, ако направите неколку фотокниги кои го раскажуваат вашиот живот хронолошки или одберете неколку фантастични фотографии и ги врамите на вашиот ѕид?

Со крајот на ум, дајте си збор дека овој пат ќе истраете 🙂 Многу пат се случувало да почнам да ги организирам фотографиите и да се откажам по 1о минути зашто ги има премногу. Но, доброто е тоа што откако еднаш ќе посветите неколку часови да ги организирате натрупаните фотографии, потоа станува се многу полесно. Ќе ви бидат потребни 15-30 минути еднаш во месецот (доколку го следите нашиот инстаграм профил @marudbooks, еднаш месечно имаме ден посветен на фото-чистка. Пријателски потсетник да ги прочистите фотографиите.)

Чекор 2

Експрес акција: Избриши го неупотребливото.

Сега кога сме одлучни, зависно од бројот на фотографиите, одвојте неколку часа во денот или пак еден викенд, за чистка.

Почнете да ги бришете матните, неупотребливите, дупликатите. Избришете ги старите фотографии од настани кои веќе не ви се релевантни, пријателте нема да ви замерат 🙂 Одете уред по уред. Почнете од мобилниот, па старите мемориски уреди…секаде каде што ги чувате.

Чекор 3

Сѐ на куп во фото-хаб.

Како што ќе завршите со почетната чистка, ископирајте ги сите фотографии на еден уред – вашиот фото-хаб, домот на сите ваши фотографии. Моја препорака е оригиналните фајлови никогаш да не ги доверувате на клауд. Клаудот е одличен за бекап. 

Фото-хаб може да биде вашиот компјутер или надворешен хард диск, само погрижете се да има доволно место да ги вдоми сите ваши фотографии.

На овој начин ја централизирате работата, и организацијата станува многу, ама многу поедноставна.

Откако ќе го поставите фото-хабот треба да биде единственото место каде ги зачувувате сите ваши фотографии. Од таму пролжувате со понапредна организација.

Чекор 4

Организирај по систем кој го разбира твојот ум.

Лично, фајловите ги организирам по датум, со наслов кој ќе ме потсети на содржината. Многу ми олеснува употреба на софтвер за импортирање на фотографиите, кој веднаш прави каталогизација и ги креира фолдерите за мене. Така работи мојот ум најлесно…

2021 > 10.7.2021 - Летување во Охрид

Важно е да ги организирате на начин кој вам ви е лесен за снаоѓање. Можете да ги организирате според изворот (мобилен, цд, усб 1…), по локација, ситуација…зависно од тоа како планирате да ги употребувате.

Откако ќе го завршите овој дел 80% од работата е веќе завршена! Честитајте си! 

Оттука може да се продолжи со сериозната организација. Овој дел зависи вас, колку сакате да навлезете во организирање. Можете да користите програми за фотографии, мене ми е омилена Lightroom. Може да ги организирате со тагови, бои, да правите рејтинг… Но тоа е веќе напредно ниво на организација и слободно можете да го скокнете.

Чекор 5 

Што ти буди радост?

Фотографиите се интересен феномен, доказ за моментите кои направиле да почувствуваме силни емоции…најчесто фотографираме кога ситуациите или субјектите не прават среќни, за никогаш да не бидат заборавени. 

Магично е својството на фотографиите со поглед да ни ги разбудат истите емоции и да не вратат во ситуацијата. Само тие фотографии треба да продолжат да живеат во твојот фото-хаб.

Само оние фотографии кои прават срцето да ти пее – би рекла Кон Мари 🙂 Останатото Shift + Del. Не ги чувајте сите фотографи од свадбата на другарката од пред 5 години, или од крштевката кај што сте биле на гости, ако не ви будат радост. Никој нема да ви замери. 

Чекор 6

Затвори го кругот.

Потсети се од каде почна, која беше твојата замисла. Сега кога сите фотографии се организирани и лесно можеш да ги најдеш оние кои ги бараш, време е да го затвориш кругот – подготви ги најомилените фотографии за печатење. 

Најавете се на www.marudibooks.com, одберете од нашата понуда на фотокниги (линк), фото-постери (линк), фото-платна (линк) и мали принтови (линк) за вашиот следен проект. Зачувајте ги спомените онака како што заслужуваат, на начин кој ве радува.

ШТО ТЕ РАДУВА? 

Кога би замилиле идеален дом, како би биле организирани вашите фотографии? Како сет врамени постери прецизно распоредени на ѕидот во лобито, фотокниги за секој месец, година, патување? Одговорот се крие во прашањето Што ти буди радост? Толку е едноставно. 

Ви требаат уште информации како да одберете фотографии за фотокнига? Прочитајте го постот…(линк).